Будење во облаците
Летање со балон во Кападокија е атракција која се наоѓа на врвот на бакет листите на многу луѓе, и не е тешко да се заклучи зошто.
Уште прв пат кога ги видов сликите од магичниот пејсаж на Кападокија со небо исполнето од стотици балони, ова патување беше поставено на врвот на мојата листа.
Регионот Кападокија е најпопуларна локација на светот за летови со балон. Минатата година, повеќе од половина од светските летови со балони се имаат одржано баш тука. Популарноста на овој регион за летови со балон не е само поради уникатниот пејсаж, туку и поради тоа што во просек 250 дена во годината се со погодни услови за летање, во споредба со просек од 60 дена во други делови од светот.
Кападокија е единственото место во светот каде што може да видите стотици балони на небото секое утро додека го пиете првото кафе на прекрасните тераси украсени во традиционален турски стил.
Утрото ни почнува рано околу 5 часот кога не чека превоз до Butterfly Balloons, агенција со најдолга традиција и најискусни пилоти за летање со балони. Додека ги чекаме последните проверки на брзината на ветерот и дозволата за полетување од турската авијација, пиеме турски чај и турско кафе. Искуството на пилотите е многу битно за летањето со балони поради тоа што правецот на движење на балонот го одредува ветерот, управувањето на балонот е само во висината, а сакаме да ги видиме најубавите пределиJ.
По добивање на зелено светло од турската авијација се упатуваме кон местото на полетување. Со самото приближување од сите страни се гледаат приземјени балони кои го осветлуваат пределот.
Набрзо потоа се искачувме со балонот на висина од некои 800 метри, и како што се искачувавме се погоре така се појавува сонцето. Можеби најубаво изгрејсонце што некогаш сум го видел.
Во наредниот саат лебдиме на небото полно со стотици балони. Погледот е воодушевувачки и постојано се менува како што поминуваме низ различни предели. Поминуваме низ познатите самовилски оџаци, долината на монасите, долината на љубовта, старото грчко село Чавушин и низ прекрасниот Ѓореме каде што безброј луѓе се застанати на терасите од хотелите воодушевувајќи се на погледот на стотици балони во небото.
Иако изгледа како адреналинско искуство, летањето со балон дава чувство на мирно пловење по небото. Првите неколку секунди додека се искачуваме се чувствува адреналин но потоа целото искуство се сведува на необичен спокој кој претходно го немам доживеано.
Една од основните причини зошто туристите ја посетуваат Кападокија е летањето со балон и тоа е нешто што морате да го направите додека сте таму.
Пределот изобилува со природна убавина и богата историја. Подземни градови, цркви од рано христијанскиот период, замоци вклесани во карпи од османлиско време се само дел од историските споменици останати да сведочат за богатата историја на овој предел.