Разгледување на Stone Town, Prison Island и Накупенда
Излет на кој ја дишеме историјата и влегуваме во сржта на Занзибар. Откако Португалците прв пат се закотвиле на брегот на Stone Town, бил и останал центар на сите збиднувања на овој необичен остров. По Португалците, пристигнале Оманците, па Британците и сите тие, па и многу други, оставиле траен печат врз овој град, кој и ден-денес претставува неверојатна мешавина на различни култури од целиот свет со автентична африканска основа. Цел овој раскош и бои, градби и многу различни обележја, нѐ освојуваат при првата средба со градот кој од 2000-та година се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО. На излетот поаѓаме во утринските часови. Ја посетуваме Старата тврдина, која се вика и Португалска тврдина, бидејќи нејзините темели ги поставиле Португалците. Потоа била надградена од оманските Арапи и целото тоа време била главен одбрамбен гаризон на островот. Последниве неколку години служи како место за одржување на разни културни манифестации, од кои најважната е ZIFF (Занзибарскиот Меѓународен Филмски Фестивал). Веднаш до тврдината се наоѓа “Куќата на чудата”, која е еден од главните симболи на Занзибар, некогашна церемонијална палата на третиот султан на Занзибар, султанот Барагаш, која прв во источна Африка имала струја, водовод и електричен лифт. Ќе имаме прилика да ја видиме и палатата на последниот султан на Занзибар, персиски амами, англиканска црква, изградена на местото на последниот пазар за робови во светот. Ќе го посетиме и Darajani пазарот, каде би можеле од прва рака да почуствуваме како африканскиот хаос совршено функционира. Ги посетуваме најважните знаменитости – куќата на фронтменот на групата Queen, Фреди Меркјури, која денес е хотел. Ќе шетаме низ тесните улички полни со насмеани деца и ќе се восхитуваме на различните и фамозни занзибарски врати, кои од секогаш биле статусен симбол на сопственикот на домаќинството.
По заводливиот Stone Town се упатуваме со бродче кон Prison Island. Овој магичен остров, по официјалното укинување на ропството во 1873 година, некое одредено време бил место за нелегална трговија со робови (доказите за ова и ден-денес се наоѓаат во овој комплекс во вид на алки и ланци). Кога дошло крај и на тоа, Британците го преуредиле целиот остров со намера да го направат затвор, но тој никогаш не послужил за таа цел. Денес Prison Island e резерват на копнени Aldabra желки, кои британскиот гувернер од Сејшелите ги пратил на Занзибар како поклон во 1919 година. Тогаш имало 4, а денес се преку 100. Сите се исклучиво расположени за дружење со посетителите. По дружењето со желките, ги посетуваме рушевините од “затворот” и уживаме во егзотичноста на овој магичен остров.
Нашиот ден го завршуваме со Накупенда. Накупенда е песочен насип кој се наоѓа отприлика 25мин. возење со чамец од пристаништето во Stone Town. Околу 2000 метри квадратни песочен рај, опколени со корален гребен и најтиркизниот Индиски океан, без ниедно ресторанче, кафана, или било што друго на нив, како на филм... Далеку сме од масовниот туризам на Европа, далеку од гужви, нема големи бродови и илјадници туристи. Го имаме целиот остров само за нас. Дечкото кој го вози чамецот забива 4 дрвени колци во песокот и врз нив става шаторско крило за сенка. Пиеме пиво, слушаме музика и се капеме во најубавата вода што некогаш ја имате видено. Постои можност да правиме “скара“ на Накупенда и да ручаме морски плодови и највкусен органски “помфрит“. Ручекот го договараме со нашиот претставник на дестинацијата. Го чекаме зајдисонцето. На враќање, патот ни го осветлува месечината, а ние уживаме во свежиот тропски ветер. Забораваме на сите проблеми. Совршен ден на Занзибар!