Ве водиме на патување во земјата која ја нарекуваат “бисер на Индискиот океан“. Шри Ланка е земја која мириса на чај и зачини, а претставува вистински историски рудник, затоа што тука можете да видите будистички храмови, колонијални цркви, како и остатоци од древни градови. Ќе прошетате низ џунгла во потрага по животни и храмови, ќе видите како изгледа дрво со какао и цимет, ќе дознаете како се прави чај, но и ќе го вкусите најскапиот чај на светот. Крстариме со тук-тук по раздвижените улици на “шриланканските“ градови.
Ќе имате можност да храните, галите и да бањате слонови, во прифатилиште за слонови, како и да видите како се раѓаат мали желки на фарма за желки.
Ќе Ве воодушеви Sigiriya, лавјата планина или камениот дворец, сместен среде џунгла. Ја изградил кралот Касапа, во 5-от век, како своја престолнина. Додека се искачуваме по стотина скали, уживаме во прастари слики и графити на камен, а непослушните мајмуни ќе се обидат да не забавуваат и ќе успеат да Ви ја украдат храната која ја носите. Ќе видите и самите вие зошто УНЕСКО ја смета Sigiriya како осмото светско чудо.
Дамбула, еден од најсложените комплекси со пештери во Азија, крие храм, бројни статуи на Буда во различни фази на нирвана, статуи на кралови и разни хинду божества. А ќе искачите и преку 5000 скали до Адамовиот врв, најпосетеното место на аџии и место кое е свето, како за будистите, така и за хиндуистите и муслиманите.
Позади секое ќоше ќе почувствувате различни мириси. Од рестораните ќе Ве привлечат мириси и вкусови на кари, роти, полнет со што и да посакате, морски плодови, риби и ориз. Од пазарите ќе Ве повикаат вкусовите на свежо овошје и свежи цедени сокови, а некои од овошјата ќе ги видите за прв пат во животот.
Пред крај на патувањето опуштете се на километарските плажи на Хикадува. Уживајте во завеаните плажни барови, под чадор и со сок од цедено овошје во раката. Расфрланите даски за сурфање и потемнетите момци и девојки на брановите ќе го надополнат целиот поглед на хоризонтот. Разбудете се рано наутро и гледајте го најубавото изгрејсонце од терасата, а остатокот од денот искористете го за истражување на малите галерии, сувенирници и ресторанчиња на главната улица од ова рибарско и туристичко место.
Насекаде околу нас Ве поздравуваат насмеани лица на локалното население, кои се подготвени сé да поделат, кои ја ценат својата земја и ја почитуваат мајката природа. Ќе доживеете некој различен свет, каде времето тече побавно, каде луѓето се сречни, сообраќајот хаотичен, мирисна храна, чајот е задолжителен, а океанот топол.
Поаѓања
Патувања
Прашања, одговори и искуства
1. The Empire Café, кај влезот во Храм на Забот на Буда и за храна и за пијалок.
2. Веге ресторан Sri Krishna dosai со многу поволни цени.
3. Kandyan King Seafood - популарен ресторан кој служи најдобри специјалитети од морска храна по пристојни цени.
4. Balaji Dosai е ресторан во кој се служи популарна индиска храна и одлично вегетаријанско мени.
5. White House Restаurant Kandy е популарно место помеѓу локалците и туристите со одличен амбиент.
1. Супа со морски плодови - цените се околу 2$.
2. Spring Rolls комбинација на месо во тесто и пржено на масло. Цената е околу 4$.
3. Goan рибно кари - популарно јадење на Шри Ланка, микс на риби, кари, зеленчук, чили пиперки, цимет и кокосово млеко. Цената се движи од 3-5$.
4. Tandoori пилешко - јадење подготвено на традиционален начин, многу популарно помеѓу локалците. Цената на овој оброк се движи од 3-5$.
5. Paper Dosa - нешто слично на нашите палачинки, кои се јадат со разни сосови. Цената се движи околу 2-3$.
Во Кенди (Kandy) и на сите излети од Кенди (Kandy) е апсолутно безбедно. Контролите на влзеовите се засилени од Април 2019 година, така што на сите места каде има поголеми собири, храмовите и слично можете да бидете целосно растеретени и безгрижни. Во август за време на фестивалот беа зголемени контролите поради големиот број на туристи кои го посетуваа фестивалот и ги гледаа свечените поворки на улиците. Исклучителни мерки за безбедност!
Во Кенди (Kandy) е најдобро сувенирите да се купуваат на пазар каде има најголем избор - чаеви, зачини, ајурведски препарати, масла, креми и слично. Може да купувате и во супермаркетите бидејќи цените на ајурведските препарати се напишани на самите пакувања и прилагодени на локалното население (многу поволни).
Масажа во Хукадува (Hikkaduwа) е речиси задолжително искуство и на секои 50 метри има по еден центар за масажа, во главно ајруведска. Пожелно е да се оди во група поради тоа што се добиваат количински попусти, а во главно имаат доволно масери на услуга. Препорака се центрите кои имаат и лекар со кој можете однапред да се посоветувате и кој можат да Ви одредат и некоја ајруведска терапија со секојдневната тоест повеќедневна масажа.
Цела Хикадува (Hikkaduwa) е шопинг локација каде има продавници за сувенири, занаетчиски и кројачки продавници, салони за масажа, кафулиња и ресторани.
Во Хикадува (Hikkaduwa) е исклучително безбедно во која било доба од денот или ноќта. Има доста улични кучиња, така што единствено на тоа треба да обрнете внимание, но се исклучително мирољубиви.
Тук-тук е најповолен и најбрз и исклучително ефтин 0.5-1-2€ низ градот. Додека за одење до околните плажи или до градот Гола во сопствена режија, се препорачува и локален автобус. Незаборавно и автентично искуство, но исклучително некомфорно бидејќи автобусите секогаш се полни.
Потребно е да се покријат рамениците и колената на влез во храмовите, Храмот на Забот на Буда и храмовите Дамбули.
Се препорачува да се носат кабаници, бидејќи во секој период од годината, со оглед на монсунската клима - може да се појави дожд. Добра и квалитетна кабаница е вистинскиот избор! Чадорите се исто така во ред, но кабаницата нека биде приоритет. Исто така за излетите во Сигирија (Sigiriya) и Адамовиот врв, обавезно земете облека за пешачење, или па дури и планинарење.
1. Roti No.1 - ресторан за брза храна во кој се подготвуваат неколку десетици врсти на скара, специфично тесто полнето со сите можни намирници и нивни комбинации - овошје, месо, зеленчук, кашкавал, мачкалици и слично...
2. Get Fresh - традиционална и интернационална кујна популарна на Шри Ланка (Sri Lanka).
3. Red Lobster – риба и морски плодови се вистински специјалитет во овој ресторан.
4. The Den – омилен ресторан на локалците и туристите кој има разновидно мени со морски специјалитети.
5. Mika Wu – идеално место за љубителите на слатките од овошје и ласи, традиционален јогурт.
Најдобро време за посета е во текот на нашата зима, односно крајот на годината и почетокот на новата календарска година. Од ноември до март. Но ако сакате да избегнете гужва, одлично време за патување е и нашиот пролетен и летен период, од мај до август. Климата е монсунска, со два периоди од кои едниот може да е за нијанса посув, но е изразена е високата влажност на воздухот и високите температури во текот на целата година. Дождовите се специфични и ги има во текот на целата година. Тие влијаат на бујната вегетација и бројните плантажи чај со кои изобилува овој остров.
Цените на храна и пијалак се доста пристапни на повеќето од местата, како и цените на сувенирите. Поголем трошок се масажите и повеќедневните ајурведски третмани како и купувањето на драгоцени и полудрагоцени камења. За патување од 10 дена препорачуваме да понесете околу 500 долари.
1. Сигирија (Sigiriya), лавјата карпа е можеби едно од најубавите места за фотографирање и симбол на самата Шри Ланка (Sri Lanka). Карпата како некој метеорит е сместена во големата долина која ја опкружува. На самиот врв се наоѓаат остатоци од палатата на древните владетели, од каде “пука“ неверојатен поглед со километри, на прекрасните пејсажи во Шри Ланка (Sri Lanka).
2.Дамбула (Dambula) – комплекс храмови со бројни статуи на Буда во нив и едно од најсветите места на Шри Ланка (Sri Lanka). Важно е да се напомене дека додека се фотографирате, не смеете да свртите грб на статуите од Буда. Треба да се избегнуваат популарните селфиња.
3. Адамовиот врв - предизвик од 5500 скали од подножјето до врвот на кој се наоѓа познатиот отисок од стапало, светото стапало или Сри Пада - за кое Будистите сметаат дека е на Буда, Христијаните дека е на Адам, Хиндуистите го нарекуваат стапалото на Шива. Претставува свето место и помага во премостувањето на сопствените граници. На ова место ќе наидете и на глетки од природа и дела на човечки раце, пред кои ќе направите фантастични фотографии. Оваа планина се нарекува и планина на пеперутките. Тука можете да наидете на колонии од овие инсекти, кои се исто така симбол на трансформацијата низ која и самите поминувате на пат кон врвот.
4. Храм на забот на Буда во Кенди (Kandy) и комплекс на градби кои се сега музеј, а во не така далечното минато - делови на кралската калата кои нудат безброј интересни кадри, особено за време на фестивалот во август или други значајни датуми кога верниците, босоноги (како што и вие треба да бидете), со отворено срце и ум, принесуваат поклони во вид на цвеќиња и овошје.
5. Кралската ботаничка градина Peradeniya е преубаво место на кое ќе цветате и вие, а така ќе зрачите и на фотографиите. Оваа ботаничка градина во Кенди (Kandy) е дом на орхидеите. Тука ќе најдете повеќе од стотина различни типови на овој кралски цвет. Исто така фотографиите во огромната површина на градини со најразлична вегетација, можеби се и меѓу најубавите во цела Шри Ланка (Sri Lanka).
Корисни информации
Овде ќе најдете корисни информации за самата дестинација, како и некои совети за ова патување.